Роб Мазурек е композитор, трубач, визуелен уметник, музички директор и централна фигура на чикашката авангардна сцена од 1990-тите, кој стекна огромна почит со Chicago Underground, бенд што, низ годините, метаморфозираше од дуо во оркестар. Во Бразил, каде што живееше неколку години, тој создаде сличен проект наречен São Paulo Underground, а по враќањето во Чикаго, во 2005 година, го оформи знаменитиот Exploding Star Orchestra. Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, како и да ги истражи најавангардните струења на сцената, вклучувајќи музичари од пост-рок, AACM и слободната импровизација. Единствената категорија што би можела да ги дефинира е „ол-старс“ - секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез, иако некои од нив припаѓаат на американската креативна музика, додека другите се познати по тоа што ја претпочитаат европската импровизација. Творејќи со експлозивна енергија и посветеност, Роб Мазурек блеска, вадејќи го најдоброто од музичарите што прецизно, трпеливо и внимателно ги избрал. Заедно, тие ги евоцираат врвовите што ги освоија Бела Барток и Гил Еванс, Мортон Фелдман и Бил Диксон, Сан Ра и The Art Ensemble of Chicago. Универзумот е огромен простор. Роб Мазурек го исполнува својот дел со величествен звук.