Еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински е роден во 1953 година. Тој дипломира во класата по француска хорна на Музичката Академија Фредерик Шопен во Варшава. Уште како студент свири во оркестарот на Полската радио телевизија, за подоцна целосно да им се посвети на пијаното и џезот. Следуваат соработки со најеминентните полски џез музичари од ‘80-те, како Збигњев Намисловски, Јануш Муњак, Томаш Шукалски, Јан „Пташин“ Вроблевски и Јарек Шмјетана, и настапи низ целиот свет. Своето трио го формира во 1993 заедно со Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани. Една година подоцна следува главниот пресврт во неговата кариера - изданието “Chopin”, уникатен албум со композиции на големиот Фредерик Шопен во џез аранжмани. Огромниот успех го отвора патот за “Chopin Once More” од 2000-та, албум со златен тираж. Соработката на Анджеј Јагоѓински со италијанскиот пијанист Џовани Мирабаси повторно го поставува Јагоѓински на светските сцени, а нивниот “Mirabassi & Andrzej Jagodziński Trio” е еден од најпродаваните албуми во Јапонија во 2003 година. Заради тоа, следниот проект “C-minor” од 2006-та, добива и јапонско издание. Анджеј Јагоѓински долги години предава на Џез одделот на Државниот музички комплекс во Варшава, а во 2005 во својата Полска го добива Gloria Artis орденот за заслуги во културата.