Скопски џез фестивал е невладина, непрофитна организација во културата, регистрирана како Установа за уметнички дејности. Во текот на годината работата на Установата е фокусирана на три проекти:
Скопскиот џез фестивал е една од водечките културни манифестации во Македонија, со традиција од 42 последователна година и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез фестивали во Европа. Фестивалот започна во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латино-американската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари. Скопските џез фестивал е член на престижната асоцијација „Европска џез мрежа“ (Europe Jazz Network).
Покрај џез-фестивалот, Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“ веќе дваесет и две години организира и втор фестивал, OFFest. Фестивалот се случува во периодот втора половина на мај / прва половина на јуни. И покрај релативно кусата традиција на оваа манифестација, листата на учесници кои досега настапиле на OFFest е импресивна, вклучувајќи ги најзначајните светски претставници на т.н. музика на светот (world music). OFFest се приклучува во особено креативниот процес на глобализацијата на музиката која доаѓа од сите светски меридијани и континенти. OFFest е членка на извонредно значајната и влијателна организација „Форум на светските музички фестивали“ (Forum of Worldwide Music Festivals).
Дискографската продуцентска куќа SJF Records е дел од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“. Со издавањето на CD-а и нивна продукција, претежно на македонски џез и етно исполнители, целта е да се стимулира локалната музичка сцена и домашното творештво и тоа во оној некомерцијален, но извозно ориентиран сегмент, а со тоа и да ја промовира Македонија и македонската музика во Европа и светот. Списокот на досегашните изданија (вкупно 49) ја прави SJF Records најплодната продуцентска куќа од ваков тип во Македонија.