Сесил Меклорин Салвант е композиторка, пејачка и визуелна уметница позната по својот специфичен пристап кон музиката, комбинирајќи елементи од џез, блуз, фолк, како и од театарската и барокната традиција. Опишана од Џеси Норман како „уникатен глас поткрепен со интелигенција и апсолутна музикалност“, Салвант се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Родена во Мајами од мајка Французинка и татко Хаиќанец, своето музичко патување го започна со часови по класично пијано на петгодишна возраст. Подоцна се сели во Екс ан Прованс, Франција, каде што студира класично пеење, дополнително усовршувајќи го својот еклектичен музички стил. Во 2010 година, таа победи на престижниот натпревар „Телониус Монк“, што го катапултираше нејзиното име на светско ниво. Оттогаш, Салвант освои три последователни Греми награди за најдобар вокален џез албум со „For One to Love“, „Dreams and Daggers“ и „The Window“. Албумот „Ghost Song“ (2022), пак, доживеа одлични критики и стекна неколку номинации за Греми. Нејзиниот актуелен албум „Mélusine“ (2023), отпеан главно на француски, го истражува средновековниот фолклор, прикажувајќи ги нејзините широки и разновидни влијанија. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.