Fire! Orchestra е идејна творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани), којашто со годините прерасна во опасен колектив што им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од фри џез, психоделичниот рок, пост-боп, ноис, краутрок и даб музиката. Денес, во својата 14-та година од постоењето, уникатните Fire! Orchestra се враќаат со своето најамбициозно дело до сега, со претежно скандинавска екипа и силна француска поддршка. Додека популарниот и многу фален „Arrival“ (2019) се смета за врв во каталогот на бендот, монументалниот троен албум „Echoes“ го подигнува влогот. Снимен со неверојатна постава од 43 музичари во легендарното студио Atlantis во Стокхолм и волшебно измиксан од Џим О’Рурк, „Echoes“ претставува многу отворен, свеж, органски, минуциозен и динамичен албум. Ја доловува суровата енергија и комплексните аранжмани на групата, обезбедувајќи истовремено длабоко и возбудливо слушачко искуство. Нивните концерти ги предизвикуват вообичаените стереотипи, нудејќи ултимативен приказ на нивното техничко мајсторство, како и цврста посветеност на уметничкото истражување. Секој настап на оркестарот ги редефинира можностите на модерната музика, етаблирајќи ги во еден од најиновативните и највозбудливите ансамбли на глобалната сцена и клучна движечка сила во еволуцијата на современата музика.