En

17 - 20 октомври 2024

17 октомври МКЦ, 23:00

NEXT TO SILENCE

  • саксофон
  • гитара
  • клавијатура
  • бас гитара
  • тапани
Next to Silence немаат правец, но имаат насока. Сочинети од членови на некои од најистакнатите македонски музички состави и оркестри, тие ја следат епифанијата од звукот по кој трагаат, движејќи се по насоката за која не знаат во кој правец ги води. Токму во ова поднебје тие го творат она за кое не постои детерминирана перспектива и она што им отвора широк простор за музичка нарација. Нивната музика досегнува предели и поимања кои тие ги допираат единствено поради уникатниот спој на нивните различни музички карактери и поради истенчената префинетост да се говори без зборови. Тука тие се најмоќни и преку вештото испреплетување на духовноста и сарказмот, беседат за она што е далеку од нивната тактилност, но длабоко вкоренето во нивното осмислување на светот. Next to Silence тоа го прават и во своето најново музичко издание, именувано како „Ruh“ (SJF Records). Доследни на традицијата да се повикуваат на поими кои имаат пластови од всадени значења, тие звучно го илустрираат она што зборовите само површно го допираат. Со својата музика посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, а кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции. Next to Silence истото ќе го срочат и на нивниот настап на годинешниот Скопски џез фестивал, каде звучно ќе го илустрираат „Ruh“ и ќе му дозволат да шета низ сетилата на присутната публика.