Никол Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор. Како неодвоив дел од креативната музичка заедница во Чикаго, таа беше првата жена-претседател на Здружението за унапредување на креативните музичари (AACM). Повеќе од дваесет години, Мичел ја користи својата уметност за создавање светови кои „градат мост меѓу познатото и непознатото“, со нејзиниот ансамбл Black Earth. Таа, во исто време, компонира музика за современи ансамбли со различна инструментација и формат (соло, оркестар и биг бенд), инкорпорирајќи притоа импровизација и широк спектар на естетски изрази. Мичел е веројатно најпозната како креативна флејтистка којашто успеа да развие уникатен импровизаторски јазик што во повеќе наврати ѝ ја донесе титулата „Флејтист на годината“ во изборот на критичарите на списанието DownBeat (од 2010 до 2024 година). Таа е воедно професор по музика на Универзитетот во Вирџинија. Марк Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри џезот и слободната импровизација, кој ги користи своите искуства и сестраност во различни жанрови, соработувајќи со бројни реномирани уметници, како Роско Мичел, Дерек Бејли, Џа Вобл, Бил Ласвел, Трстон Мур, Метју Шип, Еван Паркер, Вадада Лео Смит, Вилијам Паркер и многу други. Во дуо со Никол Мичел, тие создаваат извонредно оригинален и минималистички звук, исполнет со ведри мелодии и грувови, своевидна реминисценција на музиката на Art Ensemble of Chicago.