Никол Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор. Како неодвоив дел од креативната музичка заедница во Чикаго, таа беше првата жена-претседател на Здружението за унапредување на креативните музичари (AACM). Повеќе од дваесет години, Мичел ја користи својата уметност за создавање светови кои „го премостуваат познатото со непознатото“, со нејзиниот ансамбл Black Earth. Таа, во исто време, компонира музика за современи ансамбли со различна инструментација и формат (соло, оркестар и биг бенд), инкорпорирајќи притоа импровизација и широк спектар на естетски изрази. Мичел е можеби најпозната како креативна флејтистка којашто успеа да развие уникатен импровизаторски јазик што во повеќе наврати ѝ ја донесе титулата „Флејтист на годината“ во изборот на критичарите на списанието DownBeat (од 2010 до 2024 година). Таа е воедно професор по музика на Универзитетот во Вирџинија. Марк Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри џезот и слободната импровизација, кој ги користи своите искуства и сестраност во различни жанрови, соработувајќи со бројни реномирани уметници, како Роско Мичел, Дерек Бејли, Џа Вобл, Бил Ласвел, Трстон Мур, Метју Шип, Еван Паркер, Вадада Лео Смит, Вилијам Паркер и многу други. Во дуо со Никол Мичел, тие создаваат извонредно оригинален и минималистички звук, исполнет со ведри мелодични бои и грувови, своевидна реминисценција на музиката на Art Ensemble of Chicago.