Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, абстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите, кој стекна одлична репутација со Chicago Underground, бенд кој, низ годините, метаморфозираше од дуо во оркестар. Во Бразил, каде што живееше неколку години, тој создаде сличен состав наречен São Paulo Underground, а по враќањето во Чикаго, во 2005 го оформи генијалниот Exploding Star Orchestra. Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, како и да ги истражи најавангардните трендови на сцената, инкорпорирајќи значајни музичари од пост-рок, AACM и слободната импров сцена. Единствената категорија што би можела да ги дефинира е „ол-старс“ - секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез, некои од нив припаѓаат на американската креативна музика, додека другите ги претпочитаат високите дострели на европската импровизација. Творејќи со експлозивна енергија и фасцинантна посветеност, Роб Мазурек блеска, извлекувајќи го најдоброто од музичарите што прецизно и внимателно ги избрал. Заедно, тие ги евоцираат врвовите што ги освоија Бела Барток и Гил Еванс, Мортон Фелдман и Бил Диксон, Сан Ра и The Art Ensemble of Chicago. Нивниот настап на 43. Скопски џез фестивал претставува концертна премиера на новиот, штотуку објавен, албум на Exploding Star Orchestra - "Live at the Adler Planetarium". Универзумот е огромен простор. Роб Мазурек го исполнува својот дел со грандиозен звук.