Трубачот и композитор Вадада Лио Смит и пијанистката Силви Курвоазје соработуваат со години, а таа учествува во повеќе состави на Смит. Од друга страна, тој е дел од нејзиниот секстет од кој произлезе и електричниот албум “Chimaera” од 2023. Вадада и Курвоазје ги здружија силите и на неколку одлични концерти во дует, проект којшто продолжува со своите истражувања на европска турнеја и се случува непосредно по нивниот прв заеднички албум “Angel falls” за Intakt. Меѓу првите кои ќе го чујат свежиот материјал е скопската публика. Ова е инаку последната европска турнеја на култниот и неуморен Вадада Лио Смит, кој годинава полни 84 години и се смета за најкреативниот жив американски музичар. „Еден од најмоќните раскажувачи во историјата на САД и наследник на американските хроничари како Чарлс Ајвс и Орнет Колман“, стои во критиката на The New York Review of Books за албумот “Ten Freedom Summers”. Родум од Швајцарија и со седиште во Бруклин, Курвоазје, која Њујорк Тајмс ја нарече „пијанистка со еднаква доза на дрскост и смиреност“ во последните години станува сè посилна. Тука се реинтерпретациите на Стравински, големите турнеи со нејзиното реномирано трио, соло настапите, како и соработката со Мери Халворсон. “Angel Falls” и концертите кои ќе следат ветуваат да бидат заеднички двигател за Курвоазје и Вадада, чија хемија искри со редок поетски пламен, оценува угледниот музички новинар Бредли Бамбаргер.