En

17 - 20 октомври 2024

18 октомври Национална опера и балет, 20:00

RODRIGO AMADO THE BRIDGE

Купи билет
  • тенор саксофон
  • пијано
  • контрабас
  • тапани
Познат како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов, португалскиот саксофонист Родриго Амадо е мајстор на инструментот со беспрекорна техника и фасцинантна експресивност, кој со задоволство ја прифаќа сета слобода што му ја дозволуваат фри џезот и импровизираната музика. Често присутен на листите на најдобри џез музичари во светот, Амадо ужива во соработките со своите фри-џез и импров идоли. Во овој нов квартет, наречен The Bridge, тој обединува три од неговите најсилни долгогодишни влијанија, сите лидери во својот домен: маестралниот германски пијанист Александар фон Шлипенбах, еден од татковците на фри-џезот, со кариера долга речиси шеесет години и безброј клучни формации во историјата на европскиот авангарден џез, потоа норвешкиот волшебник на контрабасот Ингебрит Хакер Флатен, импровизатор кој е во првите редови на креативната музика уште од 1990-тите, како и легендарниот американски тапанар Џери Хемингвеј, кој од доцните 1970-ти наваму настапуваше со Ентони Брекстон, Сесил Тејлор, Дерек Бејли, Ентони Дејвис, Реј Андерсон и Вадада Лео Смит, меѓу другите. Станува збор за вистински раскошен квартет кој лани го издаде „Beyond the Margins“ (Trost Records), албум кој претставува совршена визит-карта за она што ќе го доживееме на овој концерт што не се пропушта. Квартет чиешто име навистина претставува - не само директен омаж на Сони Ролинс и неговиот албум „The Bridge” од 1962 година - туку и мост помеѓу различните јазици, потеклa и генерации, сите обединети преку импровизацијата.