The End е експериментална музичка група којашто се појави во 2018 година, обединувајќи експлозивна екипа таленти од Норвешка, Шведска и Австрија. Формирана од музичари со долгогодишно искуство во голем број креативни музички ансамбли, како што се Fire! Orchestra, Cloroform, Møster, The Thing, Ultralyd, MoHa, Datarock и други, The End соединуваат широк спектар на музички влијанија во нешто сосема ново. Поединечно, тие имаат соработувано со имиња како Sonic Youth, Neneh Cherry, Four Tet, Chick Corea и многу други, настапувајќи на места толку различни како оперски куќи, рок фестивали, џез клубови, театри, музеи и отворени простори низ целиот свет. Предводени од легендарниот саксофонист Матс Густафсон и колегата виртуоз на саксофонот Кјетил Мостер, The End се својствени и по моќните вокали на Софија Јернберг, а тука се и Андерс Хана и Борге Фјордхajм, со своето огромно искуство во бројни ноиз-џез и креативни состави. Нивната музика е уникатен спој на жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со елементи од мавританската, етиопската, индиската и скандинавската народна традиција. Звукот на групата претставува интензивно, поетско и брутално патување низ нескротливата енергија, мелодичната убавина и соничните експерименти. Концертите на The End се познати по способноста да создаваат нови асоцијации во умот на слушателот, сплотувајќи ги жестоките рок рифови, природната убавина на фолкот и дивите фантазии на џезот во едно кохерентно, но непредвидливо музичко искуство. Очекувајте ЕНЕРГИЈА. Очекувајте УБАВИНА.